Шампионот не е предизвик: Грузиско чудо од дете што беше на мета на Вардар заврши во Монпелје

Еден од најталентираните млади ракометари во Европа според многу ракометни стручњаци, десниот бек од Грузија, Гиорги Цковребадзе, на 16 години ја напушти татковината и замина во Франција. Следна дестинација на досегашниот ракометар на Пегаси од Тбилиси, ќе биде вицепрвакот Монпелје.

И покрај интересот од европскиот шампион Вардар и францускиот Сен Рафаел, сепак Цковребадзе се одлучи да продолжи во Монпелје. Најпрво ќе биде дел од младинскиот тим, но ќе тренира и со сениорската екипа, која игра во Лигата на шампионите. Има одлични физички предиспозиции, 195/85, игра во два правци, а првичните коментари од Франција се дека таков играч во нивната земја немаат.

Цковребадзе, чие презиме не можете од прва да го изговорите точно, беше дел од грузиската репрезентација на последното СП за кадети што се одржа во Тбилиси и токму таму се наметна со своите настапи како еден од ракометарите за кои допрва ќе слушаме. Нема да биде чудно наскоро да заигра и за сениорската репрезентација на Грузија.

Во Вардар свовремено играа со одличен успех тројца грузиски ракометари, Гиорги Туркија, Тите Каланадзе, Александер Бокочадзе, како и Реваз Чантурија, а моментално во македонскиот шампионат играат и Темо Орјоникидзе и Рати Мсквилидзе.

Погледнете дел од головите на Цковребадзе на досегашните натпревари за младинската репрезентација на Грузија.