Шампионот на нов тест: ППД Загреб бара реванш против Вардар за поразот во ЛШ

Лидерот на табелата во СЕХА-лигата, Вардар и единствениот тим кој има максимални 12 бода од четири средби денеска од 17:30 часот го пречекува второпласираниот ППД Загреб. Тимот од Хрватска има меч повеќе и досега десет поени, па сосема извесно е дека Вардар влегува како фаворит на оваа средба.

На 1 октомври во рамки на Лигата на шампионите, Загреб си замина од „Јане Сандански“ со пораз од 28:21. Со оглед на тоа што Вардар сезонава единствениот пораз го има претрпено против Барселона и тоа на Супер глоуб турнирот сосема јасно е дека „црвено-црните“ ќе сакаат да продолжат во ист стил.

Против Загреб секогаш имаат тешки средби, а за тоа се свесни и во тимот. Раул Гонзалес е секогаш внимателен и секогаш е умерен во коментарите, па и сега се очекува ова да биде неизвесно.

„Ние игравме во четврток во Германија, а Вардар имаше исцрпувачки меч со Барселона во саботата. Имавме два дена за подготовка. Ќе пробаме да дадеме максимум колку можеме. Дамир Бичаниќ и Жарко Марковиќ се во полн тренажен процес, и тоа ни дава повеќе можности во играта. Ќе влеземе максимално концентрирани и мотивирани за добра резултат“, изјави пред оваа средба тренерот на ППД Загреб, Касим Каменица.

Ако се има предвид формата сосема извесно е дека Вардар е во предност и дека ќе стори сè за да успее да продолжи со серијата. Освен Мораеш кој е надвор од комбинација поради повреда на носот сите други играчи се подготвени и ќе бидат на терен. Сигурно ќе има измени и шанса за игра ќе добијат оние кои имаа мала минутажа против Барселона, па ова дефинитивно ќе биде убава средба.

Вардар има три победи во серија, но често се случувало и Загреб од Скопје да си замине со победа. Нивната историја е долга така што сигурно е дека денеска ќе одлучува моментната инспирација.