Шамбери најде замена за Џексон Ричардсон: Тандемот Обрван-Брестовац се обединува во француското првенство

Помошникот на селекторот Обрван во македонската репрезентација, Данило Брестовац се враќа во Франција.
Овојпат асистентот на Лино Червар од Металург ќе ја продолжи својата кариера во Шамбери. Клубот чиј предводник е Ивица Обрван пред неполн месец остана без помошник-тренерот, легендарниот Џексон Ричардсон, кој ќе се обиде да го внесе Дижон во најквалитетната француска лига.
Како што објави локалниот француски весник „Ле Дофин“, а пренесе влијателниот француски ракометен портал „Хендњуз“, претседателот на клубот Ален Пончет потврди дека договорот е веќе постигнат, а соработката меѓу Обрван и Брестовац од македонската репрезентација ќе продолжи во француското првенство наредната сезона.