ЧУРУВИЈА: ВО СКОПЈЕ ЌЕ БИДЕ ПЕКОЛНО!

Македонскиот машки ракометен шампион Вардар имаше успешно отворање на новата сезона во ЕХФ Велукс Лигата на шампионите. По извонредното второ полувреме совладан на гостински терен беше составот на Монпелје од Франција. Вардарци во недела од 17 часот и 30 минути го играат вториот натпревар во ЛШ, а противник ќе биде амбициозниот состав на Пик Сегед. Момците на шпанскиот стратег Пастор имаа одлично отворање на сезоната кога на домашен терен со 31-30 успеаа да го совлдадаат фаворизираниот Киелце и со голема самодоверба ќе допатуваат во Скопје. Дел од актерите на престојниот натпревар ќе биде и поранешниот вардарец Марко Чурувија кој за унгарските медиуми најавува пеколна атмосфера во Скопје:

Ми се допадна Скопје. Вардар e поблиску до моето срце од Металург. По мојот престој во Македонија настапував и во Шпанија, за на крајот да дојдам во Унгарија. Воопшто не се жалам бидејки дојдов во одличен клуб кој има големи амбиции. Атмосферата против Киелце беше феноменална, а победата едно неописливо задоволство. Во недела не очекува тежок натпревар, атмосферата во салата ќе биде пеколна. Навивачите на Вардар се и фудбалски фанови кои секако во голем број ќе бидат присутни и на натпреварот во недела. Треба многу коцки да ни се поклопат доколку сакаме да стигнеме до победата. Очекувам вистински пекол во арената „Јане Сандански“. Сепак верувам во победа на својата екипа која против Киелце покажа дека може да се носи со секоја екипа.

Натпреварот помеѓу Вардар и Пик Сегед се игра во недела во СЦ„Јане Сандански“ со почеток од 17 часот и 30 минути.