Чуда се случуваат: Момци, блеснете кога е најпотребно!

По клупскиот успех на Вардар, продолжуваат ракометните успеси на македонските екипи, односно репрезентации. Младинската репрезентација вечерва ќе се обиде да стигне до полуфиналето на Мундијалот во Алжир, но пред себе има пречка што се вика Франција, повеќекратен европски, светски првак во сите можни категории.

Сепак, Французите можеби со мало потценување влегуваат во дуелот со Македонија и го потценуваат нашиот тим. Тамошните медиуми што третираат ракомет, велат дека најголема опасност по нивниот гол е Филип Талески, кој го ословуваат како новиот Кире Лазаров. Велат дека тој е играч од кој секогаш се чека да биде човек на одлука и кој има одлични асистенции до соиграчите.

Ги потенцираат како клучни играчи и ракометарите на Металург, бековите Кузмановски и Велковски, кои имаат реализација над 65%, како и луцидните крила Палевски и Шилегов, плус пикерот Арсеновски. Сепак, се чини дека тоа е повеќе од куртоазија, и дека гледаат на нас како лесна задача за пласман во полуфинале. Ќе видиме колку ќе биде лесно или тешко во 19:30 часот.