Чолиќ го диктира распоредот: Металург во два дена ќе игра и СЕХА и ЛШ!

Ракометарите на Металург ќе мораат следната седмица во два дена да одиграат натпревари и од регионалната СЕХА лига и од Лигата на шампионите! Иако првичниот термин на натпреварот меѓу Металург и Спортинг Лисабон беше 10 ноември од 17:00 часот, сепак СЦ „Борис Трајковски“ е зафатена со музички концерт. 24Ракомет алармираше за оваа настаната ситуација со поклопување на термините на двата настани уште пред два месеци, но дури сега се променија нештата на штета на Металург.

Ѕвездата Здравко Чолиќ ќе ја забавува скопската публика на тој датум, а затоа што на 1о и 11 ноември ќе биде зафатена и СЦ „Јане Сандански“ со дуелот меѓу Вардар и Барселона, Металург мораше да бара од ЕХФ дозвола за промена на терминот, но нема да игра во домот на Вардар, како што беше случај пред еден месец, туку во својот – СЦ „Борис Трајковски“. Петок не е ден за дуелите од машката Лигата на шампионите, па тимот од Автокоманда, се реши за четврток, 8 ноември во 19:00 часот.

Се ќе беше во ред доколку претходниот ден на 7 ноември не е закажан дуелот од регионалната СЕХА лига меѓу Металург и романска Стеауа од 17:15 часот, но сега веќе е доцна и за промена на овој термин, па така тимот од Автокоманда за 24 часа ќе мора да одигра два силни натпревари во две различни конкуренции. Олеснителна околност за Металург би можела да биде најавата од Романија, дека Стеауа нема со најсилен состав да ги игра дуелите во иднина од СЕХА.

Веројатно и од Автокоманда ќе се решат за експерименти со составот на мечот од регионалната конкуренција, но останува да ги видиме на дело новите засилувања во составот на Металург – Александар Шпенде, Гонсало Рибеиро и Миха Пучник.

Следни натпревари на Металург:

04/11/2018, Металург – Чеховски Медведи, ЛШ, 17:00 часот
07/11/2018, Металург – Стеауа, СЕХА, 17:15 часот
08/11/2018, Металург – Спортинг Лисабон, 19:00 часот