Човекот кој го измисли „цепелинот“ замина меѓу легендите

Светот на ракометот денес испрати уште една ракометна легенда. На 96 години почина Бернард Кемпа. Скромниот германски ракометар и тренер, човекот кој се смета за основоположник на популарниот „цепелин“, кој Германците во негова чест го нарекуваат „кемпа“, замина тивко во предградието на Гепинген, каде го помина поголемиот дел од својот живот.

Роден е во 1920 во полскиот град Ополи ,во близина на Вроцлав. Веднаш по Втората светска војна, заедно со неговиот брат се селат во Германија, во Гепинген каде го поминува речиси целиот свој живот. Во 50те години се сметаше за најдобриот ракометар на планетата, а во 1960 Гепинген го освои Европскиот куп со Кемпа како тренер на тимот.  Одигра вкупно 31 натпревар за националниот тим на Германија, со која двапати го покори светот. Од 2002 создаде свој бренд за спортска опрема кој е наменет исклучиво за ракомет.

„Жалиме за еден од најголемите атлети кои Германија ги создала. Германскиот ракомет вечно ќе му биде должен на Бернард Кемпа како ракометар и како тренер. Тој вечно ќе биде запишан во историјата на ракометот, стана дел од сржта на нашиот спорт со потегот „кемпа“, наречен по него.“- истакна претседателот на Германската ракометна федерација, Андрес Микелман.

Во 2011 година Бернард Кемпа доби свое место и во Куќата на славните на германскиот спорт.