Чиста „десетка“ за Оса, Белфор со стартна победа во Франција

Македонскиот интернационалец Дарко Георгиевски, кој сезонава ќе ги брани боите на францускиот третолигаш Белфор, беше најдобар стрелец во неговиот тим, во победата над Мулхаус со 32:26.

Ова беше меч од првото коло, а Георгиевски, кој во Белфор дојде од Монтелимар, беше најдобар на теренот и успеа да постигне 10 голови од 13 обиди, а 2 беа од 7 метри. Претходно популарниот Оса беше член на Вардар, МРК Вардар, Куманово и Пелистер.

Во тимот на Белфор две сезони веќе настапува и Александар Ангеловски, но тој поради повреда не играше, иако беше во составот за првиот меч. Тој претходно беше дел од екипите на Струга, Вардар,МРК Вардар, Куманово, Струмица, Охрид, Пелистер и Пролет.