Чирковиќ: Релаксирани сме пред ждрепката, но да покажеме дека не сме случајно во групите на ЕХФ Купот

Стратегот што го внесе тимот на Еурофарм Работник во групната фаза од Купот на ЕХФ, Ѓорѓе Чирковиќ пред утрешната ждрепка нема особени желби околу ривалите, но сака да ги избегне Фуксе Берлин, Татабања и ГОГ Гудме.

„Релаксирано ја чекаме ждрепката бидејќи имаме позитивен скор со сите екипи кои се во ждрепката, немаме изгубено во Европа од ниту една од тие екипи. Шегата настрана, нема лесна група за нас во ова ниво. Би сакал поради стилот на игра од првиот шешир да го избегнеме Фуксе Берлин, од вториот Татабања и од четвртиот ГОГ Гудме. Сепак мислам дека најважно е што на навивачите во градот Битола, каде што ракометот има мирис, ќе им овозможиме по подолго време три силни европски натпревари. Во името на клубот и на играчите можам да кажам дека со еден позитивен, борбен и спортски став ќе покажеме дека не сме случајно тука“, вели Чирковиќ.

Ждрепката за групната фаза ќе биде утре со почеток во 11:00 часот во седиштето на ЕХФ во Виена, а Еурофарм Работник ќе ги избегне германскиот Кил, шпанската Куенка и францускиот Сен Рафаел.