Чилиќ и Карловиќ го „преселија“ ППД Загреб во Вараждин

Поради зафатеноста на „Арена“ во Загреб со финалето во тенискиот Дејвис Куп, каде ќе играат Хрватска и Аргентина, ракометарите на ППД Загреб се принудени да ја сменат салата за натпреварите во СЕХА Лигата и во Лигата на шампионите.

Избраниците на Силвио Ивандија дуелите против европскиот првак Киелце во ЛШ, како и против СЕХА првакот Веспрем и македонскиот шампион Вардар, ќе ги одиграат во Вараждин, во Градската спортска сала, која беше домаќин на последниот Ф4 во регионалното натпреварување.

„За Вараждин ме врзуваат убави спомени од настапите со репрезентацијата. Се чувствуваме одлично таму, а домаќините даваат максимум тоа да биде така. Сигурен сум дека ќе има одлична атмосфера на дуелот со Киелце. Претходно не чека тешко гостување кај Рајн Некар. Посакуваме да ги оправдаме нашите очекувања и очекувањата на навивачите, се надевам дека многумина од нив ќе дојдат од Загреб да не бодрат во Вараждин.“ – изјави Игор Вори.