Чизмовиќ и Левов на преговори со Радовиш

Амбициозниот состав на Радовиш за наредната сезона ќе се обиде да обезбеди место во македонскиот плеј-оф. Радовишани со нов стручен штаб, засилени со неколку нови ракометари ги започнаа подготовките за наредната сезона. Управата на Радовиш се одлучи да доведе квалитетни имиња од составот на Макс Струмица, а веќе потпиша со Соколов и Милосављевиќ.

На радарот на радовишани е уште еден поранешен играч на суперлигашот од Струмица. Се работи за младиот црногорски пивотмен Стефан Чизмовиќ. Преговорите се започнати, двете страни се расположени за соработка, а конечните детали околу евентуалниот трансфер ќе бидат познати за неколку дена. Чизмовиќ во својата кариера настапувал за Будванска Ривиера, Сутјеска и Ловќен.

Уште еден ракометар се споменува како потенцијално засилување за наредната сезона. Поранешниот македонски репрезентативец Милан Левов деновиве е на проба во Радовиш, а доколку ги задоволи критериумите на стручниот штаб можеби ќе му биде понуден договор.  Левов е поранешен ракометар на Винарска Визба тиквеш, Преспа, Металург, Вардар, Зомимак, Охрид и Работнички, а игра на позиција десно крило и десен бек.