Четири нови имиња пристигнаа во Велес

Градскиот Ракометен Клуб ,,Борец” ги засилува своите редови пред почетокот на престојната сезона. Откако на средината на јуни велешани ги промовираа своите некогашни ракометари Ордев и Илиев, денес официјално беше потпишан едногодишен договор со Павловски и Андоновски, а клубот ги промовираше Давитковски и Јаневски како дел од новиот состав.

Левиот бек, Бобан Андовски минатата сезона играше во РК ,,Вардар Јуниор”, додека Игор Павловски во ГРК Борец пристигнува од РК ,,Радовиш”, а во својата богата кариера има забележано настапи за Металург, Зомимак, Вардар и Тиквеш.

Благодарение на добрата соработка со тимот на РК ,,Металург”, во наредниот период на позајмица за ГРК ,,Борец” ќе настапува и Кристијан Давитковски кој игра на позиција десен бек. Покрај овие ракометари, екипата на ГРК ,,Борец” се засили и со младиот велешанец Антонио Јаневски кој настапуваше во екипата на ,,Вардар 2” во младинската лига на позиција лево крило.

Новите четири имиња во клубот ќе претставуваат сериозна закана за секоја одбрана во македонскиот национален шампионат. Со овие засилувања, управата само ги потврди своите амбиции повторно да се најде меѓу најдобрите шест екипи во Македонија.