Четирикратниот победник на Супер Глоуб, Барселона, обезбеди ново финале

Барселона ќе ја брани титулата во финалето кое ќе се одигра в сабота и ќе се судри повторно со тим од Германија. Каталонците станаа втори финалисти откако го совладаа составот на Ал Веда со 34:24 и тоа после голем пресврт откако на полувреме губеа со 13:16.

Тимот од Саудиска Арабија кој в сабота од 13:30 часот ќе биде ривал на Вардар во битката за 3. место денеска одработе едно добро полувреме. Во првиот дел од средбата работите одеа одлично за домаќинот на овој турнир. Сите играа одлично и во одбрана и во напад, па Барселона никако не можеше да се избори за водство.

Највисоката предност на Ал Веда беше четири гола и тоа пред заминувањето на паузата, но Лука Циндриќ беше играчот кој ја остави Барселона во игра.

Откако на одмор беше 16:13 за составот од Саудиска Арабија во продолжение работите се изменија. Барселона ја наметна својата игра, го засили темпото и тоа беше тешко за следење од противникот. Оттаму во 45. минута веќе беше 24:19 за Барселона и тука веќе беше јасно кој ќе биде вториот финалист на Супер Глоуб 2019.

До крајот предноста отиде до десет гола, а првпат разликата стана двоцифрена пред истекот на времето.

Циндриќ со седум гола од седум обиди беше најефикасниот на овој натпревар, а зад него Арињо со шест и Томас со пет гола. Во Ал Веда, Зенелабедин со девет погодоци беше најефикасниот ракометар.