Червар: Среќата на крајот беше на нивна страна!

Во натпреварот од првото коло во СЕХА регионалната лига, македонскиот првак гостуваше во спортскиот центар Борис Трајковски кај составот на Метлаург. Некогашното балканско дерби, потсети на оние стари денови кога ривалството меѓу двата градски ривали ги надминуваше границите на Македонија. По натпреварот двете екипи беа задоволни од овој меч, но останува Металург да жали за пропуштената шанса.

Раул Гонзалес, тренер на РК Вардар:

Сакам да им честитам на Металург, атмосферата беше добра, но ние не игравме добро, мораме да се поправиме во играта. Во првото полувреме одбраната не беше на вистинско ниво, но во второто полувреме имавме три-четири разлика. Сепак нè изненади играта со седум ракометари и новото правило бидејќи не се подготвувавме и трениравме многу за таква игра.  Тие одиграа многу добро против нас  и затоа им честитам на играчите и тренерот на Металург.

Тимур Дибиров, ракометар РК Вардар:

Понекогаш со лошата игра, победата повеќе значи. Нормално дека не сме задоволни од играта која ја покажавме, но мораме сите да бидеме трпеливи и да почекаме да ја покажеме вистинската форма. Знаеме дека ќе напредуваме, знаеме дека ќе се подобруваме бидејќи знаеме какви натпревари не очекуваат. Веруваваме во тимот и работиме напорно за да ги оствариме зацртаните цели.

Дарко Арсиќ, голман РК Металург:

Би сакал да му честитам на Вардар за победата, на одличниот натпревар и борбата. Сепак останува да жалиме на крај за пропуштената шанса и начинот на кој заврши натпреварот.

Лино Червар, тренер РК Металург:

Прво им честитам на Вардар за победата и им посакувам сè најдобро во Лигата на Шампионите. Натпреварот имаше многу технички грешки и ние направивме многу грешки кои на крај се одразија на резултатот. Среќата на крајот беше на нивна страна. Мораме да ја подобриме формата и да стекнеме искуство пред натпреварите кои не очекуваат во Лигата на Шампионите. Во секој случај ова беше добар натпревар за ракометот во Македонија.