Червар: Свесни сме за нашите шанси со Веспрем, но ќе се обидеме да одиграме добар натпревар

Пред дерби натпреварот од СЕХА лигата помеѓу Металург и Веспрем, денес во 13:00 се одржа прес-конференција на која домаќинот Веспрем го претстави совојот следен противник, шампионот на Македонија, Металург.
Тренерот на екипата на Металург, Лино Червар истакна:

Најпрво многу ми е драго што сме тука, тука се многу наши пријатели. Веспрем е врвен тим со голема традиција, ни претстои тешка задача утре. Веспрем многу напредна посебно последниве две години и сега е еден од најдобрите тимови во Европа. Би им посакал оваа сезона да ја освојат Лигата на шампиони. Веспрем е особено цврст во одбраната и имаат многу квалитетни ракометари,како Алиловиќ, Миклер, Заиц, Наѓ, Сулиќ, Маргуч, Терзиќ итн. Во секој случај сакаме да одиграме добар натпревар утре и да се надигруваме со домаќините. Сметам дека Веспрем е добра екипа, составена од цврсти момци, посебно во одбраната. Меѓутоа ако сте добар дефанзивен тим можете да постигнете многу лесни голови. Утре ќе истрчаат девет ракометари на Металург кои се помеѓу 18 и 25 години, постепено ја започнуваме промената на генерации. Свесни сме за нашите шанси против Веспрем, но ќе се обидеме да одиграме добар натпревар.

Тренерот на унгарскиот првак, Антонио Карлос Ортега се заблагодари на убавите зборови во излагањето на Червар, но нагласи:

Сметам дека не ни е потребно уште повеќе притисок, доволен е за да ги превземеме работите во наши раце. Го почитуваме противникот кој има многу талентирани млади ракометари. Играме дома пред нашата публика се надеваме дека серијата победи ќе продолжи. Секогаш ја нагласуваме одбраната, но доколку таа затаи и неможе да постигнеме лесни голови очекуваме тежок натпревар. Металург има многу добри ракометари и спремен тренер, но секако сакаме да победиме.

Натпреварот Веспрем-Металург ќе се одигра утре со почеток од 16:00 со пренос на МРТ.