Червар: Не сме комплетни, ќе биде тешко против Србија, но нема плачење

Репрезентацијата на Хрватска во текот на оваа недела ја очекуваат две средби против Србија, а селекторот на Хрватите, Лино Червар истакна дека главна цел на овие натпревари е после нив да биде обезбеден пласманот на Европското првенство во Австрија, Данска и Норвешка.

На списокот на Червар го нема еден од најдобрите играчи на Хрватска, Лука Циндриќ поради повреда, а исто така поради повреда надвор од стројот е и капитенот на ППД Загреб Златко Хорват.

Селекторот на Хрватска сака сите дилеми за пласман на првенството да ги реши по натпреварите во Белград и Задар.

‚‚Натпреварите со Србија ќе бидат тешки. Нема да бидеме комплетни. Не се залажувам дека ќе биде лесно, за нив ова се клучни натпревари и не се сомневам во добрата атмосфера. Важно е да обезедиме пласман на Европското првенство. Ме загрижуваат  повредите, но нема плачење‘‘, рече Червар.

Првиот натпревар се игра в четврток од 18 часот во Белград, додека вториот меч е в недела во Задар од 20:30 часот.