Червар: Нексе се фаворити, но тоа не е важно ако ја играме нашата игра

По гостувањето во Панчево, составот на Металург во победничка атмосфера ќе го пречека хрватскиот вицепрвак Нексе во третото коло од СЕХА лигата. Тренерот Червар задоволен од пристапот на својата екипа на гостувањето кај српскиот вицепрвак посака така да продолжи играта на Металург, побара трпение затоа што младата екипа својот вистински лик треба да го добие на пролет. Нексе како и Металург промени доста во својот играчки кадар, иако според Червар по ростерот Хрватите се во предност, на терен треба да пресуди мотивот и борбеноста.

Лино Червар, тренер, РК Металург:

По првиот натпревар против Вардар, игравме во Панчево со вицепрвакот на Србија и покажавме навистина добар ракомет. Игравме атрактивно, игравме динамично, тоа беше навистина одлична презентација на нашиот клуб. Покажавме квалитетен пристап, игравме добро во одбрана и напад, затоа коментарите по натпреварот беа навистина добри. Мораме да продолжиме со исто темпо.

Од екипа како нашата која промени 9 ракометари од минатата сеозона мораме да имаме трпение. Затоа со ниту една од екипите не може да кажеме дека сме фаворити. Знаеме дека СЕХА ни помогна многу да го кренеме квалитет на младите играчи, за да добијат шанса и минутажа да напредуваат. Бевме поопуштени и побрзи за разлика од натпреварот со Вардар.

Екипата дури на пролет ќе покаже важна разлика. Очекуваме Халил Јагаѓац да ја залечи повредата и да се вклопи во тимот. Со Нексе секогаш е тешко и тука и во Нашице. Мораме ментално да се подготвиме, тоа е една екипа која има хемија од стари и млади играчи. Тука мислам на поранешните репрезентативци Зрниќ, Мрѓеновиќ, Баришиќ… А во своите редови имаат и потенцијален репрезентативец на Хрватска, тука пред се мислам на десниот бек Сршен. Тие се брза екипа, играат динамичен ракомет со агресивна 6-0 одбрана, која им овозможува брзи контра-напади, ќе биде навистина тежок натпревар. Мораме да останеме концентрирани на Нексе по Панчево. Според составот тие се во предност, но тоа не е клучно мораме да ја играме нашата игра. А добрата игра носи добар резултат. Без разлика на резултатот мораме да играме без притисок, со срце. Ако покажеме борбеност и концентрирана игра, а што помалку технички грешки, очекуваме поволен резултат.

Натпреварот меѓу Металург и Нексе ќе се одигра во недела во стандардниот термин од 17:45 во спортскиот центар „Борис Трајковски“.