Червар: На нас е одговорноста да ја оправдаме поддршката од нашите поддржувачи!

Македонскиот вицепрвак започнува нова ракометна приказна во СЕХА лигата. Металург по една година пауза повторно ќе ја почуствува атмосферата во регионалното натпреварување со македонскиот дерби дуел против Вардар. Токму натпреварот од првото СЕХА коло, беше повод за премиерната прес-конференција на Металург во оваа сезона.

За очекувањата од новото издание на најквалитетното натпреварвање во регионот говореа тренерот Лино Червар, капитенот на Металург, Филип Талески и Филип Кузмановски.

Лино Червар, тренер, РК Металург:

Повторно Металург е во СЕХА лига и веднаш ни претстои македонското дерби со Вардар. СЕХА лигата е важна за Металург, за нашите играчи да создадат искуство низ најсилната СЕХА лига досега. Ќе се обидеме преку европските натпреварувања нашите момци да добијат искуство и квалитет за да можат да конкурираат за сениорската репрезентација. Вардар е фаворит и им посакуваме успех и исполнување на нивната цел. Сакаме да дадеме што поголем отпор, на нашите играчи нема да им недостасува мотив, сега имаме помлади играчи, но сепак се работи за градско дерби.

Цврсто стоиме на земја знаеме дека треба многу работа и трпение за да извлечеме максимум од младите талентирани играчи. Мислам дека тоа е натпревар за публика затоа ги повикувам нашите навивачи да дојдат во што поголем број утре и на сите натпревари на Металург да им ја пружат на нашите момци својата поддршка. Очекувам дека нашите момци ќе дадат сè од себе иако нема да играме комплетни. Дрогришки нема да настапи исто така Обрадовиќ има повреда, но кога ќе почне натпреварот секој играч мора да ја превземе својата одговорност за да може да напредува. На нас е одговорноста да ја оправдаме таа поддршка која секогаш ја имавме од нашите поддржувачи.

Целта оваа сезона е да покажеме дека можеме рамноправно да се спротиставиме на големите клубови, со поголеми буџети.

Филип Талески, ракометар, РК Металург: 

По една година пауза поворно сме во СЕХА лига. За нас младите играчи тоа е една голема мотивација, бидејќи ќе се надигруваме со екипи како Вардар, Веспрем и Целје, со големи екипи… Овој прв дуел со Вардар не е обичен, се работи за дерби и ќе одлучува борбеноста. Ќе го дадеме максимумот и се надеваме дека ќе ги оправдаме очекувањата на нашата публика.

Филип Кузмановски, ракометар, РК Металург:

Вардар го гледаме како фаворит и затоа мотивот е голем да се игра против еден таков противник. Мислам дека ќе одиграме квалитетен натпревар, и ќе ги исполниме нашите очекувања и очекувањата на нашата публика.

Натпреварот започнува утре 6.9.2016 од 20:30 во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.