Червар: Ме разочара делењето на (не)правдата, а тоа не е прв пат оваа сезона!

 

Македонскиот вицепрвак во последните неколку минути од натпреварот испушти сензација во спортската сала „Јане Сандански“. Вардар одигра доволно да осигура нова СЕХА победа и да го продолжи престојот на врвот на табелата во регионалното натпреварување. Тренерот на Металург, Лино Червар повторно не беше задоволен од делењето на правдата која овојпат им припадна на младите македонски судии Ненад Николовски и Исмаил Металари, а поразот го препиша на неискуството и заморот.

Лино Червар, тренер, РК Металург:

Честитки за победата на Вардар, им посакувам и понатаму да играат успешно во Лигата на шампионите и мислам дека нивниот успех е успех на Македонија. Денес игравме колку што можевме, вчера се вративме од патувањето во Норвешка, сменивме три лета и немаше доволно време за регенерација. Мојот тим добро се бореше, онолку колку што можевме, но примивме лесни голови и на периоди губевме концентрација. Она што ме разочара е делењето на (не)правдата, а тоа не е прв пат оваа сезона.

Мислам дека добро работиме, но на некого тоа очигледно му смета. Но тоа е сизифова работа, а јас сум горд на нашата екипа. Нелоски се врати и имаше добри игри во клубот и репрезентацијата но тој има проблем со грбот и докторот препорача 10 дена мирување по што ќе се врати во екипата.