Червар: Кога очекувате малку, малку и ќе добиете!

По репрезентативната пауза, ракометарите на македонскиот вицепрвак Металург продолжуваат со настапите во Лигата на шампионите. Откако ќе биде одигран дуелот со Извиѓач, следен предизвик за тимот на Червар ќе биде дуелот против поранешниот европски првак Монпелје, кој сезонава котира одлично во францускиот шампионат. Тоа беше повод за денешната прес-конференција на која Червар истакна дека се свесни за квалитетот и реномето на Монплеје, и натпреварот ќе биде огромен предизвик за нив.

Лино Червар, тренер, РК Металург:

„Монеплје е клуб со огромна традиција, беа и прваци на Европа и на Франција. Во моментов се на врвот во Франција и играат на високо ниво. Она што треба да се истакне е дека Монпелје е екипа која има повеќе домашни репрезентативци, а добро знаеме каква репрезентација е Франција. Словенечките репрезентативци Доленец, Кавтичник и Жвижеј заедно со литванскиот интернационалец Тручанувичиус се одлично вклопени покрај младите и искусните играчи во ростерот со кој располага Монпелје. Тоа е клуб кој секогаш цели кон високите места на натпреварувањата. Морам да кажам дека знаеме каков тим ни доаѓа на гости. Сигурни сме дека амбициите им се самиот врв. Ова е огромен предизвик за нашата млада екипа, да им пружиме силен отпор доколку бидеме претпазливи. Првото решение за одбраната секогаш им е 6-0 поради високите играчи во средината, а одлични се и во зоната 5-1. Не смееме да им ги разиграме крилата па да примиме лесни голови. Секој играч мора сто проценти да е сконцентриран. Домашниот терен сигурно ќе ни биде предност. Дома ја добивме Ла Риоха. Знаете кога очекувате малку, малку и добивате. Мора да го извлечеме максимумот од себе и да бидеме рамноправен противник.“ – изјави Лино Червар.

Немања Обрадовиќ, ракометар РК Металург:

„Знаеме кој ни доаѓа, за нив се подготвивме доволно. Знаеме кој каде игра. Публиката сигурно ќе ни биде ветер во грб и да им прикажеме некое изненадување. Кога одигравме одлично против Веспрем и Ла Риоха зошто да не одиграме добро и против Монпелје.“ – изјави плејмејкерот Немања Обрадовиќ.