Червар и Вујо во нова „војна“: Во Хрватска се делат гратиси за полна „Арена“

По одличниот натпревар во „Стожице“ меѓу Словенија и Хрватска, овие две репрезентации ќе се соочат вторпат во контролен дуел во неделата на ЕХФ, но сега во главниот хрватски град Загреб. Првиот меч во Словенија, наликуваше на финале на ЕП, а не може да биде поинаку кога главни актери се Лино Червар и Веселин Вујовиќ.

Ракометната јавност со право очекува сличен дуел и во „Арена“. Влезните за долните трибини скоро се распродадени, но Хрватите посакуваат полна сала и максимална поддршка пред стартот на ЕП, па затоа ќе делат бесплатни влезници за горните трибини во салата. Дали гледачите ќе го исполнат капацитетот до максимум, ќе видиме вечерва со почеток во 20:15 часот.