Червар задоволен од момците: Победивме, а игравме со осум јуниори и двајца кадети

Металург ја обезбеди првата победа сезонава во Лигата на шампионите, а после мечот тренерот на тимот Лино Червар имаше причина да биде задоволен од оствареното бидејќи конечно беа освоени два бода на еден дуел. Спортинг беше квалитетен противник, но денеска радоста беше за домашните кои беа за нијанса поквалитетен ривал.

„Им честитам на моите ракометари на победата. Најдоа сили за да одиграат до крајот. Денеска игравме со осум јуниори и двајца кадети, а ниту една екипа во ЛШ го нема тоа. Ни треба трпение. Многу важно е да работат. Ја сфатија оваа средба сериозно и одиграа умно во првото полувреме. Во вториот дел ја загубивме концентрацијата, но на крајот успеавме да се радуваме на победата. Самоводербата е максимално важна, а таа носи многу за победата. Нашата публика ни донесе многу вечерва и имаше големо разбирање за она што го работиме. Имаме иднина како за доброто на тимот така и за репрезентацијата“, изјави Червар.

Тренерот на гостите, Монтеиро упати пофалба за играта на Металург и честитки за победата.

„Сакам да им честитам на ракометарите на Металург за победата. Металург одигра силно на овој дуел и во одбраната и во нападот. Ни создаваа проблеми преку пивотот, а ние не успеавме да искористиме некои шанси. Едноставно моравме да бидеме далеку подобри во нападот и во реализацијата“, коментираше гостинскиот тренер.