Червар: Додека ме служи здравје секогаш ќе бидам на располагање, Скопје нема така лесно да се реши од мене!

Македонскиот вицепрвак Металург, ќе започне ново поглавје во својата клупск историја. Оваа сезона покрај националното првенство составот од Автокоманда ќе биде дел од регионалната СЕХА лига и Б-дивизијата на Лигата на шампионите. Сезоната ќе ја отворат против актуелниот европски првак во рамките на првото СЕХА коло. Стратегот на Металург, Лино Червар ја отвори првата прес-конференција во новата сезона.

Почнува нова сезона во СЕХА лигата, оваа година Металург е малку поинаков бидејќи ги нема Обрадовиќ, Младеновиќ, Вејин и Марчец. Малку ја променивме структурата на екипата. Тука е Халил Јагањац, гледавме да има рамнотежа во годините на играчите. И оваа година ќе се натпреваруваме со најмлада екипа во СЕХА и во Лигата на Шампионите. Ќе играме со тим кој во првиот состав ќе има млади играчи како Серафимов, Танковски, Димитровски, Шилегов… Преку наши параметри заклучивме дека на овие момци им е потребна игра и настапи па ќе комбинираме за да можат да играат во СЕХА лигата и на некои натпревари во ЛШ. Драго ми е што продолживме да чекориме по нашиот пат. Ги пратевте и младинците во Алжир, во ниту една репрезентација немаше толку играчи од еден клуб како Металург, единствена конкуренција можеби ни беше Веспрем кој имаше 7 играчи но знаете дека тоа е национален проект… Секако дека ни е драго за успехот кој го постигнаа. Уште истата вечер им честитав на сите. Тоа е успех на македонскиот ракомет, но и на еден концепт кој го постави Металург. Затоа тој ден не им честитав само на Илија Темелковски и Ице Соколевски туку и на капитенот и на сите репрезентативци, од друга страна им честитав на сите кои години пред мене работеа со тие млади играчи, како физиотерапевтот Горан Илиевски, одговорниот за академијата на Металург Тони, тренерот Александар [н.з. Јовиќ], кој им беше тренер. Борбата продолжува, драго ми е што во Вардар добро се работи со млади категории, во Охрид и во Струга исто така работат на млади категории. Има конкуренција, но нема негативности. Мораме да имаме храброст да кажеме, да имаме сали, но мораме да поставиме греење во нив.

Знаете дека за две години се одржува светското кадетско првенство во Македонија. Повторно ќе имаме најмногу репрезентативци и тоа ќе биде голем проект. Тврдам дека Македонија може да го освои светското првенство, бидејќи има материјал само треба вистински да се постават работите и со време да се започне со подготовки. Ако гледаме визионерски, работиме на Токио 2020, да создадеме млада генерација ракометари кои ќе ја предводат репрезентацијата.- вели Червар.

Очекувањата се идентични како и минатата година, да им се даде шанса на младите ракометари и да се изненади некој од фаворитите. Вардар е вистински предизвик за почеток на сезоната.

Прво мораме да му честитаме на противникот за освоената титула на европското клупско првенство. Тие се големи фаворити во сабота, ќе се трудиме да ја задржиме волјата и желбата за надигрување, да му се спротивставиме на апсолутниот фаворит. Се надевам дека нашите момци ќе дадат отпор и свој максимум, малку сме слаби на надворешните линии, но тоа е компромисот со ширината и младоста на оваа екипа. Тие играат добра одбрана 5-1 и 6-0, имаат брза транзиција, кавлитетни играчи, но тоа го знае веќе цела Европа. Мораме да бидеме борбени и концентрирани за да му парираме на противникот. Да уживаме во натпреварот и со фер и коректна борба му се спротивставиме.

Го прифати предизвикот на хрватската репрезентација, па тренерот Червар ќе мора да се откаже од Металург според договорот со нивниот сојуз. Но кормиларот на македонскиот вицепрвак се уште има долгорочни планови кога во прашање е Македонија и Металург. Во 2019 следува светското кадетско првенство во Македонија, а Червар вели дека додека го служи здравјето ќе биде инволвиран во ракометот, во создавање на нови ракометни репрезентативци.

Не можам да ги погазам осумте години само така, морам да бидам субјективен и да ги почитувам оние кои ме примија во овој клуб и ми дадоа дом. Никогаш не се заморувам, понекогаш и не спијам, но не се жалам бидејќи, живеам за ракомет. Освен семејството ракометот ми е се во животот. Додека ме служи здравјето и имам тренерски амбиции секогаш ќе бидам на располагање, Скопје нема така лесно да се реши од мене.- заврши искусниот хрватски стратег.

Натпреварот меѓу Вардар и Металург во рамките на првото коло од СЕХА лигата ќе се одигра во сабота со почеток од 17:15 минути во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.