Червар: Да ја завршиме сезоната во Лигата на шампионите во ист стил како што започнавме!

Ракометниот клуб Металург, в недела (29.11.2015), во 18:30 часот во спортската сала СЦ „Борис Трајковски“ го игра претпоследниот натпревар од групната фаза во Лигата на шампионите. Во Скопје гостува дански Скјерн, а пред почетокот на натпреварот тимот од Автокоманда ја одржа редовната конференција за медиуми.

Тренерот Червар пред натпреварот истакна дека иако противникот е еден од најдобрите во оваа група, младите ракометари мора да ја завршат годината во ист стил како што ја започнаа сезоната.

Лино Червар, тренер, РК Металург:

Не очекуваат уште два натпревари, против Скјерн и оној против Елверум на гости, но натпреварот во недела е последен натпревар на домашен терен. Во седум дуели од Лигата на шампионите, без разлика на поразите и победите ниту еден тим не не надигра, дури можевме да извадиме и повеќе, затоа сум задоволен.

Паднавме во последните 10 минути во Шафхаузен и тоа е мојата единствена забелешка. Се надеваме дека ќе ја завршиме ЛШ со борба, без предавање. Тоа важи пред се за младите играчи кои мораат да стекнат навика да не се откажуваат пред крај без разлика дали и колку губат.

Скјерн е противник кој со Мотор веројатно ќе ги завземат првите две места. Во Данска кај нив го одигравме најдобриот натпревар, но поради неискуство и наивност го загубивме тој меч. Секако дека тешко ќе ја повториме таа игра на гостински терен, а ќе биде тешко да го повториме тој меч и на домашен терен, но ќе се обидеме да дадеме се од себе и да им се спротивставивме. Скјерн е одлична екипа, тука е Мирхол, тука е Сондергард, ракометари со големо искуство, тие има добри ракометари на крилните позиции особено десното, Расмусен и младиот Олсон кој ни задаваше помали проблеми во Данска, но со Баја Мара спречи пораз за својата екипа и беше еден од клучните играчи на тој натпревар. Ќе биде тешко да се пробие длабоката зона 6-0, ќе имаме проблеми и затоа мораме да надокнадиме во одбраната. Ние ќе играме подлабока зона и ќе се обидиме да им се спротивставиме со контакт игра и агресивна одбрана. Мораме да ја спречиме контрата, нема да биде лесно, но за младите ракометари тоа е голем предизвик, тука во Скопје да се покажеме во вистинско светло и да пружиме максимална игра, а играта носи резултат. Конечно ќе играме комплетни, ренгенските снимки покажаа дека раката на Лука Мраковчиќ целосно заздраве, ќе се обидеме да дадеме се од себе, и да заврши во истиот стил како што започнавме.