Червар: Да се победи екипа како Ла Риоха може, но мораме да дадеме повеќе од 100%

Составот на Лино Червар во сабота го пречекува шпанскиот вицепрвак Натурхаус Ла Риоха. По двете гостувања во Словачка и Русија, Металург повторно ќе се врати пред скопската публика. Токму затоа Лино Червар истакна дека ќе се обидат да го изненадат големиот фаворит и да го надополнат отсуството на повредениот Марчец, но и Младеновиќ кој утринскиот тренинг го заврши во болница.

Лино Червар, тренер на РК Металург:

Во животот мора да имаш среќа… Денес на почетокот на тренингот, Дрогришки направи еден ненамерен, но непромислен потег во дуелот со Младеновиќ, последиците веднаш ги видов, а сега чекаме резултати од магнетната резонанца да утврдиме дали во прашање е повреда на лигаментите или настрадала и клучната коска. Жал ми е бидејќи тоа е една од најтешките повреди во кариерата на еден ракометар, по која е многу тешко да се вратиш во игра. За некој ваквите повреди значеле крај на кариера, некој се вратил но сигурно сега нема да му биде лесно на Младеновиќ, затоа мислите ни се со него…

На двете гостувања имавме две полувремиња, едно добро, едно лошо. Знам дека имаме млада екипа, знам дека морам да имам трпение, мора да се пројде долг пат, да се одработи она школување на теренот. Кога започнавме со 9-2 против Татран мислев дека ќе направиме ракометна рапсодија, но потоа се распаднавме, а немаш што и како да ги советуваш младите играчи, кои се неискусни. Во Москва имавме шанси но не ги искорстивме, сега мораме да размислуваме за Ла Риоха, тие заедно со Монпелје се апсолутни фаворити за прво место во нашата група. Ла Риоха ја имаа Барселона во рака, но промашија многу зициери и затоа на крај изгубија. Тие се добро компонирана екипа, спој од странски и домашни ракометари. Сега морам да најдам состав кој би и одговарал на играта на мојата екипа. Она што е битно е дека имаат брза транзиција преку Перез или Санчез и Египќанецот на десно крило. Одбраната им е висока и не е лесно да се пробие, но играта ќе им се сведе на надворешната линија преку Молина, Фиго и на десната страна го имаат Именез, на линијата се искусни пивоти, тука е Гарабаја кој во одбрана игра на позиција центар во плитката 6-0 линија. Тие се искусна екипа која лесно казнува. Да се победи таква екипа може, но мораме да дадеме повеќе од 100% и да се спротивставиме со цврста зона и да ги намалиме техничките грешки. Ќе ни биде голем предизвик и затоа ја повикувам публиката да дојде да ни помогне да се обидеме да се спротивставиме на Ла Риоха. Ќе ни недостасуваат неколку повредени ракометеари. Но ќе се обидеме да одиграме колку можеме, да го надокнадиме тој хендикеп.