Червар: Горд сум на Талески, но мислам дека прерано заминува во странство

На собирот на потенцијалните репрезентативци во Велес, на кој беа присутни и веќе стандардните Филип Талески и Филип Кузмановски, селекторот на Македонија Лино Червар, го потврди заминувањето на Талески во Бундес лигата, но смета дека младиот лев бек, големиот чекор ќе го направи прерано.

„Чувството е како кога ќе си замине некој од семејството. Емотивен сум, од една страна се радувам што играчот си ги остварува своите цели. Единствено нешто што ми е жал и за што имам забелешка, малку е прерано. За мене тој е „дете“, треба уште да се обликува, да добие константа, бидејќи во странство нема време некој со тебе да учи. Таму клубот те купува како роба и очекува да донесеш резултат, да ја оправдаш инвестицијата. Таа приказна некогаш завршува добро, некогаш има и лош крај. Сепак, не сакам да направам ништо што може негативно да влијае на целата репрезентација. Филип Талески е вредно момче, горд сум на него, но мој став е дека играчите треба да израснат во својата татковина, да станат вистински ракометари низ силни натпревари, па потоа да заминат во странство.“ – изјави Лино Червар.