Челниците на РФМ им посакаа успех на младинците пред Светското Првенство (ФОТО)

Претседателот на Ракометната Федерација на Македонија, Живко Мукаетов, заедно со Генералниот Секретар, Филип Милошевски и Директорот на Агенцијата за Млади и Спорт на Р.Македонија, Дарко Каевски, беа присутни на последниот тренинг на младинската репрезентација на Македонија. Селекцијата на Илија Темелковски изутрина заминува за Доха каде ќе одиграат две контролни средби со домаќинот, врсниците од Катар. Пред настапот на Светското Првенство Мукаетов, Милошевски и Каевски ги поздравија младите ракометари и стручниот штаб, посакувајќи им успех во значајниот период кој им претстои.

По краткиот престој во Катар, младинската репрезентација на Македонија на 16ти јули заминува за Алжир каде на 18 јули против селекцијата на Русија ќе го започне својот настап на Светското Првенство. Во групната фаза, Македонија ќе се соочи со Шпанија, Тунис, Бразил и Брукина Фасо. Четирите најдобропласирани селекции од групата, го продолжуваат натпреварувањето во елиминациската фаза.