Челинџ купот за Кузманоски, Мајнов и Стоилов!

Во финалето на Челинџ купот екипата на романскиот претставник Одорхеи, на домашен терен со убедлива победа од 32-25 ја совлада екипата на португалскиот состав Брага, со што ја анулираше негативата од четири голови (32-28) која Португалците ја имаа по првиот натпревар и го освоија трофејот во европското натпреварување.

Вториот финален натпревар во рамките на Челинџ купот го судеше македонската судиска двојка Кркачев и Колевски, а убедливата победа на домашниот тим донесе радост кај тројца Македонци кои настапуваат за романската екипа. Горан Кузманоски со седум и Лазо Мајнов со три погодци беа дел од клучните ракометари во нападот на Одорхеи, додека Мите Стоилов успешно ја заврши својата задача во одбраната.

По првите три минути игра ракометарите на Брага имаа предност од 1-3, која успеаа да ја одржат до 17-та минута. Првото водство за домаќините го донесе Рамба во 21-та минута за 11-10, а највисоката предност од четири погодоци ја имаа во 27-та минута. Двете екипи на пауза заминаа со разлика од три голови во корист на домаќините, 18-15.

Второто полувреме го одлучи конечниот победник. По седум минути во второто полувреме, Одорхеи имаше предност од седум погодоци, 23-16. Португалците најблиску до водството на противникот беа во 45-та минута, кога успеаа да намалат на пет погодоци 24-19, но периодот од шест минути без постигнат гол го искористија домашните ракометари, а голот на Кузманоски ја означи највисоката предност на натпреварот од девет разлика, 31-22 , на две минути до звукот на сирената.
По шеесет одиграни минути, конечниот резултат 32-25 беше причина да започне прославата во романскиот состав.
Најпрецизен на натпреварот беше десното крило на Одорхеи, Андреј Михалчеа со девет погодоци, додека за Португалците, Переира постигна шест, а Пинто пет голови.