Чекор напред за тимот од Автокоманда: Прва радост за Металург во ЛШ

Екипата на Металург се израдува на првите бодови сезонава во Лигата на шампионите откако на свој терен го совлада Спортинг со 28:27. Во интересен меч со голема резултатска тензија особено во последните десет минути на крајот победи екипата која што беше поборбена и поконцентрирана во завршните моменти од мечот. Ова беше прв триумф кој сигурно ќе влијае многу на момците на Червар за во продолжение на сезоната.

„Металурзите“ влегоа во мечот далеку помотивирано од претходните средби и тоа брзо се виде и на теренот. Нападот функционираше, а гостите првиот гол го постигнаа дури во 6. минута за израмнување на 1:1. Минута подоцна Металург имаше два плус, 3:1, но следуваше мал период на слабост во кој гостите со серија од 3:0 направија пресврт. Сепак, првите десет минути беа комплетирани со нерешени 4:4, а после ова следуваше серија на голови на двете страни.

Спортинг имаше предност уште 2-3 минути по што одбраната на Металург помогната од голманот Дарко Арсиќ успеа да го сврти мечот. Полека се кршеше отпорот, а во 20. минута Металург имаше 11:8 што беше најава за убав резултат после првото полувреме.

До крајот на првиот дел работите функционираа како што посакуваше Червар кој беше на клупата на овој меч иако го немаше на пресот пред средбата. Арсиќ собра девет одбрани, Палевски беше сигурен реализатор на седмерците, а Кузмановски прв стрелец со четири гола. Ова беа три важни делови од играта на Металург кои недостигаа на претходните средби така што тоа и донесе резултат и позитива од четири гола на одморот, 17:13.

Вториот дел тргна со игра гол за гол во која гостите беа тие уште успеаја да намалат водството на Металург. После пет минути игра имаа 19:17, а ова беше загревање за интересен тек на средбата. Сепак, предноста од четири гола се врати во 40. минута откако одбраната на Металург успеа да ги затвори приодите кон голот на Арсиќ, а во тие моменти резултатот беше 22:18.

Ниту во продолжение во следните десет минути не се случуваше ништо ново на теренот. Разликата и понатаму беше од два до четири погодоци. Имаше грешки и на едната и другата страна, но ниту еден од тимовите не успеа да направи чекор плус така што продолжи неизвесноста која најави возбудувања во финишот од мечот.

Во 51. минута гостите успеаја да зададат удар и да намалат на 25:24. Сепак, тука одговорноста дојде кај Палевски кој уште еднаш беше прецизен од седум метри, а потоа и Арсиќ успеа да одбрани што отвори простор за нови погодоци и 27:24 за Металург на седум минути до крајот. Во корист одеа и грешките на противникот бидејќи Спортинг загуби и две топки по ред, па остануваше да се финишира до првата победа во оваа сезона во ЛШ.

Кога најмногу требаше да се биде концентриран и да се издржи почнаа грешките. Два нереализирани напади им дадоа шанса на гостите да намалат одново на гол негатива и на нешто повеќе од три минути резултатот беше 27:26. Илиќ успеа да искористи еден контранапад за 28:26, а потоа откако гостите одново промашија имаше шанса за запечатување на судбината, но дозволија Спортинг да намали на 28:27. За повеќе од ова немаше време.

МЕТАЛУРГ – СПОРТИНГ            28:27 (17:13)

Сала: СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Гледачи: 400. Судии: Игор и Алексеј Ковалчук од Молдавија. Делегат: Предраг Павичевиќ од Црна Гора.

МЕТАЛУРГ: Арсиќ (12 одб.), Даниловски, Дрогришки, Јагањац 4/6, Токиќ 2/4, Шилегов 0/1, Танкоски, Серафимов, Кузмановски 6/10, Илиќ 3/4, Анѓелиќ 4/5, Велковски 2/6, Пешевски 2/7, Палевски 5/5, Димитриевски, Арсеновски

Седмерци: 5/5, Исклучувања: 4 мин.

СПОРТИНГ: Чудиќ (11 одб.), М. Гашпар (2 одб.), Веитија Валдез 4/7, Портела 1/3, Копчо 3/4, Бјелановиќ, Руесга, Карол 3/6, Роча, Карнеиро 6/10, Тавареш 3/4, Араухо 3/5, Б. Гашпар, Никчевиќ 4/5, Божовиќ 0/1, Боргес

Седмерци: 3/3, Исклучувања: 12 мин.