Чантурија: Подготвени и со ладни глави да му вратиме на Металург!

Македонскиот ракометен шампионат се поизвесно е дека ќе добие нов победник. Од двата скопски гиганти од кои трепереа и најголемите европски екипи, остана само еден. Финансиските проблеми на Металург се причината поради која македонскиот шампион ќе се бори за второто место оваа сезона. Четвртфиналистот од Лигата на шампионите ќе биде предизвик за многу македонски екипи, но Вардар е неприкосновен во македонскиот ракомет во моментов, и секој загубен бод ќе биде еднаков на сензација.
Затоа своја шанса во ваквиот развој на настаните ќе бара екипата на Зомимак, која во Металург гледа можност за излез во регионалното натпреварување и квалификациите од Лигата на шампиони.
Еден од најдобрите поединци во редовите на струмичкиот ракометен колектив Зомимак, десното крило Рeвaз Чантурија по натпреварот со Вардар ги потврди желбите и амбициите на најдобрата екипа од регуларниот тек на првенството.

Вардар беше апсолутен фаворит, им честитам на победата. Дојдоа со најсилниот состав, подготвени и тактички и физички за нас, на крај заслужено ги освоија бодовите.

-изјави Чантурија за 24Ракомет по натпреварот со Вардар.

Ние треба да го заборавиме овој натпревар, во петок следува меч против Радовиш, кого го оечекуваме во Струмица и потребно е да ги задржиме бодовите тука.
По паузата за неделата на ИХФ, со ладни глави и подготвени ќе се обидеме да му вратиме на Металург за поразот во Скопје. Тука тие треба да загубат со повеќе од еден разлика за да го освоиме тоа второ место, кое ни е поставена цел оваа сезона. Зацртано ни е да можеме да играме во СЕХА лигата наредната сезона
.

-рече 32 годишниот поранешен ракометар на Металург.

Освојување на второто место во македонската Супер лига отвара многу можности, а доколку струмичките ракометари сакаат да ги искористат ќе мора да преминат преку последната пречка, актуелниот македонски шампион, Металург.

Оваа сезона играме 10-11 луѓе, уморни сме, но паузата ќе ни биде добредојдена за да се подготвиме и одморни да го пречекаме Металург. Мислам дека ќе успееме во тоа да ги победиме со повеќе од еден гол разлика и заслужено да играме во СЕХА лигата наредната година, а зошто не и квалификации за Лигата на шампионите.

Изјава полна со оптимизам која влева надеж дека Чантурија и неговите сограчи можат да запишат нова клупска историја.