ЦСМ Букурешт е новиот европски владетел во женскиот ракомет!

Во драматична завршница во “Ласло Пап” арената во Будимпешта, по две продолженија од две минути и изведување удари од седум метри, ракометарките на ЦСМ Букурешт стигнаа до трофејот во Лигата на шампионките. Ракометарките на Ким Расмусен беа подобри од Ѓер со вкупен резултат 29-26 откако во регуларниот дел натпреварот заврши 22-22 ( 22-24, 25-25). Во пенал серијата ракометарките на Расмусен беа подобри со 4-1 и сосема заслужено се искачија на врвот на женскиот клупски ракомет.

ЦСМ Букурешт-Ѓер 29-26 (13-12) (22-24, 25-25)

Финалето со погодок го отвори Хајди Локе за водство на Ѓер од 0-1 но на спротивната страна возврати Изабел Гулден за 1-1. Шведската интернационалка во редовите на ЦСМ Букурешт беше движечка сила на својата екипа и најзаслужна за одличниот перформанс на романките во првиот дел. Првите пет погодоци за гостинските ракометарки беа нејзино дело и благодарение на неа Букурешт успеваше да се одржи во игра во почетниот дел од натпреварот. На спротивната страна Хајди Локе и задаваше најголема главоболка на одбраната на Ѓер, а унгарките на два пати успеаа да поведат со два голови разлика (6-8 и 8-10). Сепак упорните романки до крајот на првиот дел успеаа да се вратат во игра, најпрво преку Родригес израмнувајки на 10-10, а со осмиот гол од осмиот удар на противничкиот гол фантастичната Гулден на најдобар начин стави крај на првиот дел за водство на ЦСМ Букурешт од 13-12.

1mesto gjer-buk-4

Гулден со погодок го отвори и вториот дел за водство на Букурешт од 14-12, но следуваше експресен одговор од унгарскиот шампион. Ракометарките на Амброс Мартин направија серија од 3-0 со која го вратија водството на своја страна 14-15 во 37.минута. Манеа донесе ново израмнување, а играта гол за гол траеше до 55.минута кога со головите на Локе и Грот Ѓер поведе со 19-21. Грубишиќ брилираше на голот на Букурешт стигнувајки до 16 интервенција, а Мартин и фантастичната Гулден со двата погодока го внесоа натпреварот во неизвесна завршница 21-21. По неколку промашувања на двете страни со тој резултат се влезе и во последната минута од натпреварот. На дваесетина секунди до крајот ракометарките на Букурешт направија пенал над Ковачиќ кој го реализираше Горбиц за водство од 21-22. Расмусен повика тајм аут, по кој остануваа петнаесетина секунди за екипата на Букурешт да извлече реми. Тоа и успеа на Линеа Торстенсон која погоди на две секунди до крајот израмнувајки на 22-22, резултат со кој натпреварот отиде во продолженија од по пет минути.

ПРОДОЛЖЕНИЈА

Ѓер одлично го отвори првото продолжение и со головите на Аморим и Кнедликова поведе со 22-24. Унгарките играа одлично во одбраната не дозволувајки му на противникот во првото продолжение да постигне погодок.
Тоа и успеа на Линеа Торстенсон на почетокот на второто продолжение која со својот трет гол намали на 23-24. Грот донесе нова предност од +2 за Ѓер 23-25, а возврати Манеа од линијата на шест метри 24-25 на две минути до крајот. Со овој резултат се влезе во последните триесетина секунди во кои Букурешт имаше ракометарка повеќе по исклучувањето на Аморим Талевска. Романките нападнаа по десната крилна позиција преку Кармен Мартин над која беше досуден седмерец кој го реализираше Гулден за израмнување на 25-25. Тоа беше и конечен резултат по второто продолжение од пет минути по што беше јасно дека ударите од седум метри ќе го дадат новиот Европски шампион.

ПЕНАЛ СЕРИЈА

1-0 (Гулден, Букурешт)
1-1 (Ковачич, Ѓер)
2-1 (Мартин, Букурешт)
Песоа брани удар на Грот (останува 2-1 за Букурешт)
3-1 (Родригез, Букурешт)
Песоа брани удар ( останува 3-1 за Букурешт)
4-1 (Брадеану, Букурешт)

Најпрецизни во редовите на Букурешт беа фантастичната Гулден со 15 гола и Мартин со 4. Во екипата на Ѓер Локе постигна 8.