Црногорките ќе го бранат трофејот: Црна Гора во полуфинале по трилер натпреварот против Шведска

Во решавачкиот натпревар од групата 2 за пласман во полуфиналето на ЕП во Унгарија и Хрватска пред 400 гледачи Црна Гора по фантастичното второ полувреме успеа да ја совлада Шведска со 29-30 и со 8 бодови на првата позиција се пласира во полуфиналето на ЕП.

ГРУПА 2 (Хрватска, Загреб)

ШВЕДСКА-ЦРНА ГОРА 29-30 (18-13)

Натпреварот започна со промашувања на двете страни, а Блум во 2 минута ја доведе Шведска во водство од 1-0. Црногорките вратија преку Јовановиќ со удар од 9 метри за 1-1. Неизвесно и израмнето беше во првите 9 минути кога Радичевиќ со својот прв гол на натпреварот израмни на 5-5. Пикерот на Црногорките, Сузана Лазовиќ ја остави својата репрезентација на цедило откако во 9 минута директно отиде на вратот на Тостенсон, потег кој судиите го санкционираа со директен црвен картон. Во минутите кои следуваа Гулден ја започна а Торстенсон ја затвори серијата од 3-0 за Шведска по која во 12 минута Скандинавките го имаа првото поголемо водство на овој натпревар, 8-5. Швеѓанките продолжија со својата ефикасна игра во нападот која ја круниса Фогелстром за највисокото водство за Шведска во првиот дел, 11-7, во 16 минута. Црна Гора се обидуваше да се врати во игра, а преку непогрешливата Радичевиќ од линијата за 7 метри (3/3) и Мајда Мехмедовиќ која немилосрдно ја казнуваше играта со маркер на швеѓанките успеа во тоа. Токму Мехмедовиќ го погоди празниот гол на Шведска и ја доведе Црна Гора на негатива од само еден гол, 12-11 во 21 минута. Но, како и на претходните натпревари Изабел Гулден беше ракометарката која ја правеше разликата на теренот. Со нови два гола во серија беше инспиратор на нова 4-0 серија за својата репрезентација која ја затвори Алм за највисоки +5, 16-11 за Шведска на две минути до крајот на првиот дел. Во последните две минути се играше гол за гол, а Блум со гол во последната секунда ги постави конечните 18-13 по триесет минути игра.

kaca

Исто како и на претходниот натпревар против Холандија, Аџиќ го стартуваше второто полувреме со искусната Радмила Петровиќ на десно крило. Токму Петровиќ со два гола по ред успеа да намали на 19-16 во воведните пет минути од второто полувреме. Црна Гора постојано го бркаше водството помеѓу 3 и 4 голови разлика на швеѓанките. Јованка Радичевиќ повторно беше ракометарката која ја врати Црна Гора во игра и со три гола во серија успеа да намали на само гол негатива 24-23 на 15 минути до крајот. Во последните десетина минути се разбуди и Катарина Булатовиќ која комплетно ја врати својата репрезентација во игра израмнувајки на 26-26 и 28-28 на пет минути до крајот. Последните пет минути беа решавачки за тоа која репрезентација ќе се пласира во полуфинале. Најпрво Кнежевиќ украде топка а Радиќевиќ реализираше пенал за 28-29. Анѓела Булатовиќ покажа спорстска дрскост и со одличен влез на шест метри зголеми на 28-30 на две минути до крајот, носејки ја Црна Гора на чекор до полуфиналето. Хелеберг намали на 29-30, а Катарина Булатовиќ ја имаше шансата да го запечати пласманот на Црна Гора во полуфинале, но нејзиниот удар заврши крај голот. Швеѓанките и со нерешен резултат ќе беа патници во полуфиналето но реагираа брзоплето и ја пропуштија својата шанса. На крајот конечни 29-30 и голема радост за Црногорската репрзентација која и во Унгарија ќе го брани трофејот.

Најзаслужни за пласманот на Црна Гора во полуфиналето беа Јованка Радичевиќ со фантастични 9 од 9,и Катарина Булатовиќ со 6 погодоци. Во репрезентацијата на Шведска најпрецизни беа Гулден со 9 и Торстенсон со 5 постигна гола.