Црвенкоска доби прекоманда, од европскиот првак се пресели во женскиот тим на Вардар

Само неколку дена после објавувањето на името на новиот тренер на женскиот тим на Вардар, денеска е веќе објавено кој ќе биде во нејзиниот стручен штаб. Асистентот на Роберто Гарсија Парондо, Билјана Црвенкоска се приклучува во стручниот штаб на нејзината поранешна колешка од репрезентацијата и од Еуростандард Ѓорче Петров и Кометал Ѓорче Петров, Драгана Ристова (Пецевска).

Ристова ќе биде тренер на вардарки кои продолжуваат со младите ракометарки во првиот состав, а Црвенкоска доаѓа во тимот како нејзин асистент со што го засилува стручниот штаб. После минатогодишното искуство во машкиот клуб со кој стигна и до титулата Европски првак сега ќе може сето она што го работеше со Парондо да го продолжи и со Ристова во новата сезона.

Инаку, Ристова во последната година работеше како помошник на Симе Симовски, а претходно истата генерација ја предводеше во пионерска и кадетска конкуренција. Сега добива шанса да ги води во сениорска лига што секако е далеку поголем предизвик, а во новата сезона ќе има и многу поголема конкуренција така што ќе биде навистина интересно на терените во најсилната Женска лига.