Циндриќ: Ќе победи онаа екипа која ќе биде посконцентрирана во одлучувачките минути од натпреварот

Македонскиот првак, првиот сериозен испит во Лигата на шампионите ќе го има денес во спортскиот центар „Јане Сандански“. Првата екипа која во рамките на групата Б ќе гостува во Скопје е унгарскиот вицепрвак Пик Сегед. Моќта на тимот предводен од Хуан Карлос Пастор ја почуствува колективот на Талант Душебаев, екипа која минатата сезона ја заврши како третопласирана во Европа. Во првото коло, во Унгарија, Пик Сегед со минимална победа над Киелце ги обезбеди првите бодови, а во директен дуел со Вардар ќе започне и борбата за врвот на табелата.
Вардар, првото коло го заврши со победа во Монпелје, а еден од клучните ракометари во составот на македонскиот шампион беше централниот бек Лука Циндриќ. За размислувањата околу натпреварот кој претстои, хрватскиот интернационалец за 24Ракомет истакна:

Нè очекува доста тежок натпревар против Пик Сегед – екипа која ни е добро позната на сите. Ќе има доста надмудрувања и мислам дека ќе победи оној тим кој ќе биде поскоцнетриран во одлучувачките минути од натпреварот.

Дуелот со Монпелје остави трага врз младиот централен бек, Циндриќ го повреди скочниот зглоб во првиот натпревар, а за тоа како се чувствува пред првиот официјален домашен настап за Вардар, вели:

Повредата не е страшна и активно тренерам веќе неколку дена со екипата така што сигурно ќе бидам дел од составот на Вардар.

Во подготвителниот период како дел од финалето на Кањижа купот, „црвено-црните“ го совладаа Сегед со три погодоци предност, 19-22. Натпреварот започнува во 17:30 во спортскиот центар „Јане Сандански“.