Циндриќ: Колегите кои играат во одбрана го добија мечот против Загреб

Вардар успеа да оствари уште еден триумф сезонава во Лигата на шампионите, а тоа е осми во серија во ова натпреварување доколку се сметаат и ланските пет. Против Загреб имаше тежок почеток, но првите пет минути во грч беа поправени во продолжението така што беше видено едно поинакво лице на „црвено-црните“.

„Тргнавме лошо во натпреварот. Загреб успеа да поведе со 3:0, но брзо се вративме во натпреварот. Би можел да им честитам на соиграчите за одличната одбрана и како што може да се види клучот е токму тука бидејќи одлично се браневме, а примивме само 21 гол“, изјави Лука Циндриќ после мечот против Загреб.

Со оглед на тоа што сега Вардар игра во сезоната како актуелен првак интересно е и она што може да се очекува во продолжение од овој шампионат.

„Очекувањата се големи. Освоивме многу трофеи. Нашиот менталитет е таков така што одиме понатаму. Имавме некои промени во играчкиот кадар, но и во системот на играта така што уште не сме оние вистинските што можеме да бидеме и допрва ќе се види вистинското“, коментира Циндриќ.