Циндриќ: Кога видов како Вардар го гази Сегед…

Тимот на Келце беше подобар од моќниот ПСЖ со цели десет голови, а еден од најдобрите на првиот четвртфинален натпревар беше Лука Циндриќ. Поранешниот вардарец смета дека и покрај високата предност, ништо не е готово.

„Полека, ништо не е готово. Да бидеме реални, резултатот кој ние го остваривме, го сметавме за невозможен претходно. Овие натпревари носат посебен мотив. Кога видов како Вардар го прегази ПИК Сегед, се надевав и знаев дека можеме и ние. Но, како што ние ги победивме десет разлика, така може и тие да не победат нас. Мора да бидеме внимателни“, изјави Циндриќ за хрватскиот „Спортски новости“.

Хрватот ја освои титулата во Лигата на шампионите пред две сезони, а и лани играше на завршниот турнир. Вели дека Вардар по третпат ќе се најде во Келн.

„Барселона и Веспрем се многу блиску до Ф4, а истото важи и за Вардар, затоа што има предност која верувам дека ќе ја сочува. Четвртиот тим треба да бидеме ние и се надевам дека во Париз ќе успееме во намерата да ја сочуваме предноста“, заврши Циндриќ.

Реваншите по кои ќе бидат познати сите патници на завршниот турнир ќе се одиграат в сабота и недела.