Цвијиќ нема да им помогне на вардарки во Љубљана

Ракометарките на Вардар, денеска и утре во Љубљана ќе играат на вториот турнир од регионалната ВРХЛ Лига, повторно против екипите на Крим и на Будуќност. Овие две средби ќе бидат искористени за дополнително воигрување пред продолжувањето на мечевите од групната фаза од лигата на шампионите, и реванш натпреварот со Ларвик на 4 ноември во Скопје.

Европскиот вицепрвак Вардар кој истовремено е актуелен победник и на ВРХЛ Лигата на следните две средби во Љубљана ќе биде ослабен со неиграњето на пивотменот Драгана Цвијиќ. Таа остана во Скопје поради болест, а уште неколку други ракометарки се жалат на повреда.

„Имаме неколку повредени играчи. Единствено Драгана Цвијиќ нема да патува поради болест, но сите други ќе патуваат и во зависност од тоа кој колку ќе може да издржи толку и ќе игра. Треба да ја направиме тактиката, и да се обидеме да одиграме на највисоко ниво. Не ми се допаѓа што немаме стабилност и константност во играта. Затоа треба сите да бидат во форма, а не да чекаме само од оние што се во првиот состав. Треба сите да можат да дадат свој придонес во играта. Има играчи кои добро играат, но на некои уште им треба темпо и подигнување на формата.“ – вели Ирина Дибирова, тренерот на Вардар.

Првиот дуел против Крим се игра денеска со почеток во 18:45 часот, додека вториот натпревар против Будуќност е на програмата утре од 16 часот.