ХСЈ Работник потпиша искусен голман

 Амбициозниот ракометен колектив ХСЈ Работник е еден од најактивните македонски клубови на трансфер пазарот. Иако тренерскиот двоец Марковски-Зарков се резервирани околу целта за наредната сезона, новиот Суперлигаш, потпиша нов ракометар. Договор од една сезона управата на ХСЈ Работник постигна со Градимир Чаневски. Чаневски настапуваше во ракометниот клуб Металург, за потоа да прејде во лутиот ривал Вардар каде се задржа до 2014година кога започна големиот проект на европски Вардар, а тој мораше да замине во втората екипа, составот на Вардар Јуниор.

Со најавениот ремонт во Вардар Јуниор повеќе немаше место за искусниот 28-годишен голман, па затоа нова средина пронајде во Битола каде ќе настапува во првата историска сезона за ХСЈ Работник во Суперлигата. Чаневски е четвртото засилување за наредната сезона. Со новите суперлигаши веќе потпишаа Чурлевски, Араф Адил и Мите Караиванов.