Хрватска триумфално против Србија, обезбеди место на Европското првенство

Репрезентациите на Хрватска и Србија во рамки на 4. коло од квалификациите за ЕП 2020 го одиграа својот меч во одлична атмосфера во Задар. По нерешениот резултат во првиот дуел, Хрватска забележа победа 27:23 со која обезбеди пласман на ЕП.

Србија добро го отвори натпреварот и поведе со 0:2. Хрватите не дозволија противникот да направи голема предност па во продолжение со серија од 7:1 направија солидно водство од 7:3 во 10. минута. Се играше гол за гол се до 20 минута кога со два брзи погодоци на Божиќ-Павлетиќ, Хрватска направи највисока предност 13:7.

Следуваше период во кој Хрватска имаше проблеми во нападот што беше причина Лино Червар да го смени начинот на игра во напад во 7 на 6. Крилата на Хрватска беа главна закана за голот на Цупара, фантастично полувреме имаше Мануел Штрлек кој постигна седум гола. На полувреме Хрватска отиде се значителна предност, 17:11.

Вториот дел Србија повторно го отвори добро и постигна два брзи гола, а Червар веднаш повика тајм-аут да ги разбуди своите ракометари. Во продолжение Хрватска успеваше да ја одржува предността, во 50 минута беше 23:17. Србите немаа сили да го надоместат заостанувањето и да избегнат пораз на жешкото гостување.

На натпреварот настапија два играчи на Вардар, за Србија голманот Дејан Милосављев немаше минутажа во игра, само во три наврати се обиде да одбрани седмерци но неуспешно. Во Хрватскиот состав беше Игор Карчиќ кој доби минутажа во второто полувреме и постигна два гола.