Хрватска немаше сили за пресврт: Подмладениот состав на Трефилов успешен на стартот на ЕП

Олимпискиот шампион Русија денес со натпреварот против Хрватска го стартуваше Европското првенство во Шведска. Русинките беа подобар противник и имаа голема предност во најголемиот дел на натпреварот но во последните десетина минути им дозволија на противничките ракометарки да ја стопат предноста. Сепак, составот на Трефилов не дозволи изненадување и славеше со резултат 32-26.

Башиќ го отвори резултатот на овој дуел, но составот на Трефилов за 10 минути успеа да го превземе водството 6-4. Се играше гол за гол, а Пенезиќ беше предводник на нејзината репрезентација која во 20та успеа да намали само на еден погодок 10-9. Русинките повторно продолжија со добрата игра и Вјахирева во два наврати како брз воз успеаваше да се пробие низ мрежата на противникот. Хрватска направи доста грешки во нападот и и дозволи на Уткина да забалежи неколку лесни одбрани што резултираше со 16-13 во полза на Русија на крајот на првиот дел.

Четири минути на старот на вториот дел им беа доволни на Русинките да дојдат до позитива од шест погодоци 20-14. Хрватските ракометарки го изгубија ритамот во минутите кои следуваа и постигнаа само два погодока за десет минути игра што резултираше со висока предност 23-15 за подмладениот состав на Трефилов. Единствената расположена за игра во репрезентација на Хрватска – Андреа Пенезиќ со два последователни погодока ја намали предноста на 23-17. Конфузијата во рускиот напад продолжи и тоа овозможи два лесна гола за Милановиќ-Литре и Хрватска се прибилжи на 23-19. Конечно во 47 минута Бобровникова и Скоробогатченко го разбија малерот и погодија за Русија.  Во последните десет минути Марич ја приближи Хрватска на само два погодока 25-23 со што се доведе во прашање победникот на овој дуел, но Русинките во клучните моменти ги консолидираа своите редови и ја забележаа првата победа со резултат 32-26.

Најдобри стрелци во победничката репрезентација беа Бобровникова и Жилинскајте со шест погодоци, додека Пенезиќ беше најрасположена за игра во репрезентација на Хрватска со осум.