Хрватска го прегази Исланд за потврда на пласманот во втората фаза

Во последниот натпревар од групата Б на Европското првенство во Полска,  Хрватска го торпедираше Исланд за потврда на пласманот во втората рунда. Со оваа победа Хрватска како второпласирана репрезентација од групата Б, ќе биде прв противник на Македонија во втората фаза од првенството.

Натпреварот го отвори Марко Копљар со погодок во првата минута, но Александер Петерсон возврати на спротивната страна.  Чупич беше прецизен за (2-1), а неуспешните напади на Исланѓаните ги искористи Марино Мариќ врзувајќи три погодоци во низа за (5-1) водство на Хрватска. Арнор Атласон го постигна вториот погодок за Исланд (5-2) , а Хрватите врзаа четири погодоци во низа за предност од седум погодоци (9-2). Прецизната игра во нападот и цврстината во одбраната ги одведе Хрватите на позитива од десет погодоци во 16-тата минута од првото полувреме (13-3). До крајот на првиот дел Хрватите ја одржуваа високата предност па на полувреме заминаа со позитива од девет погодоци (19-10) .

Во второто полувреме Хрватска продолжи во ист ритам , па по шест минути игра го зголеми своето водство на неверојатни дванаесет гола предност (24-12) . Исланѓаните тешко доаѓаа до голот на Мирко Алиловиќ и на десет минути пред крајот разликата сеуште беше двоцифрена (32-22). Голманот на Исланд,  Густавсон го погоди празниот гол на Хрватска за (32-23) . Следуваа погодоци на двете страни , но предноста на Хрватска остана на девет погодоци се до крајот на натпреварот кој заврши со резултат (37-28).

Составот на Хрватска го предводеше Марино Мариќ со осум погодоци, а Мануел Штрлек постигна шест. Во составот на Исланд најпрецизни беа Арнор Гунарсон и Гудјор Валур Сигурдсон со шест погодоци.