Хорват за 24 Ракомет: Мораме да мислиме само за Вардар, за да не ни се случи истото од Загреб

Капитенот на Загреб, Златко Хорват пред утрешниот натпревар против Вардар немаше многу оптимистички најави со оглед на тоа што е сосема јасно кој тим е фаворит и на реваншот и кој тим влегува со голема предност. После првиот дуел Вардар има девет гола предност од 27:18 и тоа на гостите шансите им ги насочува кон невозможна мисија.

„Знаевме дека Вардар е фаворит и на првата средба, и тоа постојано го зборувавме, но Вардар одработи феноменален меч. На сметка на тоа ние бевме доста слаби. Вардарци нè казнија за сите грешки и заслужено победија. Штета што разликата е преголема за да не може да има вистински двобој во Скопје. Ќе дадеме сè од себе за да го поправиме впечатокот. Нема да биде лесно бидејќи пред одличната публика во Скопје ќе мораме да одиграме многу добро“, коментираше капитенот на Загреб, Златко Хорват.

Тој смета дека нема ништо чудно во поразот, но има во разликата со која беше загубен првиот дуел.

„Нема ништо чудно да се загуби од Вардар во Загреб, но не со така голема разлика. Тоа е одличен тим со одлични ракометари. Вардар имаше проблеми со доста повредени и никогаш не беше комплетен во текот на оваа сезона. Сега ситуацијата е поинаква. Повредените се вратија во вистинско време и во вистински ритам се најдоа кога беше најпотребно. Тешко е да се направи изненадување во Скопје“.

Со оглед на тоа што од Скопје се патува за Белорусија на завршниот турнир во СЕХА-лигата секако интересно е прашањето дали веќе се мисли за полуфиналето против Нексе.

„Мораме да размислуваме исклучиво за овој натпревар. Никако не смееме да се опуштиме и да размислуваме за средбите во Брест, за да не ни случи исто како во Загреб. Ќе се потрудиме да одработиме максимално и колку може да го поправиме впечатокот од првата средба“, изјави Хорват за 24 Ракомет.

Натпреварот утре во СЦ „Јане Сандански“ се игра од 19:30 часот.