Холандија е во полуфинале! Шок за Бразил, кариоките остануваат без медал

Во првиот четвртфинален дуел од женскиот дел на олимпискиот турнир, Холандија го приреди првото изненадување откако ја совлада првопласираната екипа од групата А, селекцијата на Бразил. Домаќинките имаа големи амбиции на овој турнир, а тоа го покажаа и во групната фаза, но пред нивниот сон за олимписко злато се испречи Холаднија.

По почетната резултатска неизвесност и испитување на силите, Холандија прва создаде предност од три погодоци, и го контролираше резултатот до самиот крај на полувремето за  11-12. Во вториот дел Холандија покажа класа и наместо да потпадне под атмосферата во „Арената на индината“, тие успеаа и убедливо да триумфираат за прв пласман во полуфинале во првото учество на Олимписките игри. Уште на самиот почеток на вториот дел Холанѓанките имаа четири погодоци предност, а низ средината на вториот дел ја зголемија на +6. Завршниот удар на Полман и соиграчките следеше во завршните пет минути. Бразил имаше шанса да намали на три голови негатива, но наместо тоа брзоплетите акции им овозможија на холандските репрезентативки да слават со убедливи 32-23.

Ова е прво полуфинале од прв обид за Холандија која беше предводена од одличната Полман (7 погодоци), а Малестин, Абинг и Ван Дер Хејден помогнаа со по пет погодоци. Кај Бразил седумте голови на Франка и шестте на Мартинез не беа доволни да се избегне разочарувачкиот крај.