Фуриозен финиш на „црвено-црните“ за нова победа против Војводина

Македонскиот шампион Вардар обезбеди нова победа во Нови Сад против српскиот првак Војводина. Последните 10 минути беа пресудни за конечната победа на „црвено-црните“ од 26-31  (15-16).

Почетното надмудрување траеше 13 минути кога и започна серијата на објективно подобриот противник. Во низата погодоци учествуваа Македа, Дибиров и Тоскиќ, кои беа прецизни по двапати за прво водство на гостите од 7-12. Но домаќините не допуштија натпреварот да им избега од контрола, и до 30-та минута го израмнија резултатот на 15-15, а Филип Лазаров стави точка на првиот дел за конечни 15-16.

Неизвесноста продолжи и во второто полувреме. Играта гол за гол го доведе натпреварот во егал по првите 50 минути (23-23), затоа македонскиот шампион ги искористи последните 10 за нова тринаесетта регионална победа. Манасков ја започна серијата погодоци на Вардар, која продолжи со два гола на Душебаев и еден на Лацковиќ за 23-27 на пет минути до звукот на сирената. Предноста се задржа до самиот крај на натпреварот, а по шеесет одиграни минути Лука Циндриќ ги постави конечните 26-31.

Најпрецизен кај Вардар беше Алем Тоскиќ со шест, Алекс Душебаев постигна пет, додека Лука Циндриќ ги следеше со четири постигнати голови. Кај домаќинот Зоран Николиќ имаше стопроцентни 8 погодоци.

По овој дуел Вардар патува за Прешов каде во вторник ќе одигра уште еден СЕХА натпревар против словачкиот шампион Татран. Војводина во среда ќе гостува во Нашице кај хрватскиот вицепрвак Нексе.