Фуриозен финиш за Пролет, за десет минути ги среди преморените битолчани

Во голема битка во Скопје тимот на Пролет одработи неверојатен натпревар против Пелистер во кој беше 50 минути во негатива, а потоа набрзина за неколку минути стигна до пресврт и успеа да стигне до победа од 30:28. Пролет одигра одличен финиш така што на крајот се израдува на три бода и се избори за триумф кој значи многу за натамошниот дел од сезоната во битката за излез во Европа.

Гостите од Битола го добија почетокот на средбата. Многу лесно успеаја набрзина да стигнат до 5:2 користејќи ја опуштеноста на домаќините на стартот од мечот. Предноста од три гола се чуваше брз проблеми доста долго во првото полувреме. Битолчани водеа до 11:8, а седум минути немаа гол во завршниот период на првото полувреме.

Тоа ракометарите на Пролет го искористија и успеаја од 8:11 да дојдат до 11:11 и да издржат до крајот на првите 30 минути за да заминат на одмор со нерешен резултат.

После 12:12 во првиот дел од средбата на почетокот на вторите 30 минути Пелистер одново стигна до плус три. Набрзина со три гола беа обезбедени 15:12, а потоа Пролет мораше да се потруди за одново да стигне до враќање во ритам. Во 43. минута после нешто подобар период се стигна до 20:20, а потоа неколку минути се играше со наизменична реализација.

Пелистер имаше подолги напади додека да ја смести топката во голот на Кимевски, додека Пролет го казнуваше секое бавно враќање на својата половина. Се играше доста борбено од двете страни, па нијанси беа во прашање околу тоа кој ќе влезе во финишот со предност.

Првото водство на средбата за Пролет дојде дури во 52. минута. После четири напади во кои и на двете страни немаше реализација, Станојевиќ погоди во пречка, а Василевски во контра донесе 26:25. Веднаш потоа откако гостите се обидоа набрзина да реализираат за враќање во ритам следуваа две казни. Прво Манасков, а потоа и Ролевски за една минута донесоа 28:25 и јасно беше дека на неполни седум минути до крајот Петковиќ мора да повика тајм-аут.

Од минутата одмор немаше голема корист за Пелистер бидејќи место гол помалку во негативата, Пролет доби уште еден погодок плус за 29:25 и можност за мирна завршница. Иако до крајот на средбата битолчани се обидоа да се вратат веќе немаше време за да се направи нешто повеќе на овој дуел и мораше да капитулираат.

Беше очигледно дека цел меч Пелистер не може да одигра со една постава така што оние 50 минути во кои беа во предност и водеа ги преморија ракометарите, па Пролет го зададе завршниот удар кој им донесе важни три бода.

ПРОЛЕТ – ПЕЛИСТЕР     30:28 (12:12)

Сала: „Македонско сонце“ во Скопје. Гледачи: 100. Судии: Ѓорѓи Начевски и Славе Николов од Скопје. Делегат: Ацо Николовски од Скопје.

ПРОЛЕТ: Кимевски (11 одб., 1 сед.), Коруновски, Кристо, Василевски 4, Аларов, Јовчевски, Давитковски, Манев, Ролевски 8, Трајковски, Андоновски 1, Џонов 7, Мајнов 3, Дамчевски 1, Стојановски, Манасков 6.

Седмерци: 5/7, Исклучувања: 8 мин.

ПЕЛИСТЕР: Плех (12 одб., 2 сед.), Ѓорѓески, Петров 2, Маџовски 1, Поповиќ 11, Гуглета 1, В. Димитровски 6, Апостоловски, Станојевиќ 4, Лековиќ, И. Димитровски, Кобетиќ 3, Стоилевски, Табанге, Дрогришки, Ивановски.

Седмерци: 6/7, Исклучувања: 10 мин.