Франција го доби дерби дуелот против Холандија

Во вториот натпревар на денешната ракометна програма во Рио, Франција и Холандија го започнаа натпреварувањето во групата Б.

Французинките први го отворија резултатот преку Сираба Дембеле, но Холандија веднаш возврати. Во почетните моменти Лејно имаше неколку успешни интервенции, а грешките во холандскиот напад и грубата игра во одбраната и донесоа на Франција предност од 1-4 до 9 минута. Фрацуските ракометарки ја одржуваа разликата благодарение на просторот кој холандската одбрана го оставаше за пивотот и расположената Амандин Лејно. Во  13-та минута Лакрабер со својот трет гол од пенал за прв пат ја одведе својата репрезентација на четири голови разлика, која до 27-та минута се искачи на +6 (10-4, Пино). Сепак чудниот критериум на судискиот пар, Норвежанките Роен и Арнтсен надополнет со неколку избрзани удари им дозволија на ракометарките од Холандија да се приближат на само четири погодоци разлика по првите триесет минути (10-6).

Во почетните моменти од второто полувреме Холандија ја искористи конфузијата во нападот на Франција и намали на само два погодока предност. Сега Холандија не ја бранеше пивотменската позиција по секоја цена како во првиот дел што им донесе резлутат од 10-8. Дембеле по седум минути игра успеа да го постигне првиот погодок за Франција во вториот дел, но тоа не беше доволно да се запре налетот на Холаднија. Во 45-та минута низата грешки на обете страни ја заврши Естевана Полман која го израмни резултатот на 12-12.

По тајм-aутот на Крумболц, Франција ја врати предноста од два погодока. Отпорот на Холаднија траеше до 52-та минута кога со нова мини-серија Франција замина на +4 (13-17). На две минути до крајот на дуелот, францускиот пивот Лариса Ландре го постигна својот прв гол на овој меч за пет погодоци предност 13-18. Нике Грот стави точка на овој дуел за прв пораз на Холандија од 14-18.

Кај Франција Лакрабер беше одлична од линијата за седум метри и постигна пет погодоци, исто колку и Алисон Пино. Во составот на Холандија Грот, Абиг и Ван Дер Хејден постигнаа по три погодоци, но потфрли најдобриот поединец Естевана Полман која застана на само два постигнати гола.

Во следното коло Франција ќе се соочи со силната Русија веќе во понеделник од 16:30, додека Холандија има три денови одмор да ги консолидира своите редови пред дуелот со Аргентина во вторник со почеток од 00:15 минути по македонско време