Фленсбург поуспешен на гостувањето кај Миркуловски и Вецлар

Во рамките на деветото коло од Бундеслигата составот на Филип Миркуловски, Вецлар на домашен терен го пречека прворангираниот тим на табелата во Германија, екипата на Фленсбург. По неизвесното прво полувреме Вецлар дозволи контролата над играта да им припадне на гостите во вториот дел и затоа забележаа нов, петти пораз во националното првенство со резултат 23-29(11-13).

Иницијатаивата и предноста Вецлар ја имаше само во првите пет минути од натпреварот. Фленсбург го превзема водството, но до 24та минута не успеа да ја надмине границата од два погодока. Мае со два гола во низа ја постави највисоката разлика во првиот дел (8-12 25-та минута), а до паузата Вецлар намали само гол од предноста на Фленсбург за конечни 11-13.

Она што не им успеа во првиот дел, ракометарите на Врањеш го постигнаа во вториот. По неизвесните 10 минути во кои Вецлар на неколкупати се доближи до гол негатива, следуваше одличен период за Фленсбург во кој дојдоа до предност од +5 (18-23 48′). Највисоките шест погодоци разлика ги постави Ласе Сван во 50-та минута (20-26), а разликата се задржа до самиот крај за конечни 23-29.

Миркуловски беше на теренот во поголемиот дел од натпреварот, но неговото искуство не му помогна на Вецлар против разиграниот Фленсбург. Расположениот Гландорф го предводеше нападот на Фленсбург со девет погодоци, додека Могенсен и Сван постигнаа по пет. Кај домашната екипа најпрецизен беше пивотот Колбахер со шест голови од исто толку обиди.

По овој пораз Вецлар останува на средина на табелата, на деветата позиција, со осум освоени бодови, додека Фленсбург со осмата победа во низа повторно се искачи на врвот иако има натпревар помалку од конкурентите за првата позиција во германското првенство.