Фленсбург подготвува екипа за враќање на тронот!

Германскиот колектив Фленсбург минатата сезона беше најпријатното изненадување во Лигата на шампионите. Со освојување на шампионскиот пехар во ова елитно натпреварување тренерот Љубомир Врањеш го донесе најголемиот успех во историјата на клубот. Младите и талентирани ракометари се цел и определба на управата на бундеслигашот, а оваа сезона таа стратегија беше доволна единствено за осминафинале во Лигата на шампионите.
Затоа управата на клубот се одлучи да ги донесе најперспективните и најдобрите млади ракометари во своите редови. Со враќањето на Петар Ѓорѓиќ, Фленсбург ја засили надворешна линија, а 25-годишниот лев бек по две сезони минати во Хамбург повторно се враќа во четата на Љубомир Врањеш.
Амбициите на уште еден поранешен освојувач на најквалитетната ракометна лига во светот беа пропорционални со зацртаниот буџет. Хамбург обезбеди опстанок во најсилната германска лига, но загуби голем дел од клучните ракометари.
Следен кој заминува во Фленсбург е францускиот репрезентативец Кентин Мае. 24-годишниот централен бек потпиша договор на три години, а ќе му се придружи и Хенрик Тофт Хансен, кој беше еден од клучните ракометари на Хамбург. Незадоволен од неизвесноста која сеуште владее во екипата, данскиот пивот одлучи да му се приклучи на третиот тим во Бундеслигата за оваа сезона.
Сепак најголемо изненадување беше потписот на младиот дански репрезентативен централен бек Расмус Лауге Шмит. Тој од Кил преминува во Фленсбург, а со него екипата сериозно ја најавува трката за првата будеслигашка позиција. Веројатно најдобриот млад централен бек во светот во моментов, ќе ги брани боите на Фленсбург во наредите три години.
Со овие засилувања, некогаш шампионскиот тим на Фленсбург ќе се обиде повторно да се врати на старите патеки и повторно да ја изненади Европа.