Фленсбург моќно против Висла: Бранителот на титулата се враќа во посакуваниот ритам

Третопласираната екипа во германската ракометна Бундес лига од минатата сезона и актуелен бранител на трофејот во Лигата на шампиони, Фленсбург со убедлива победа против полскиот вице првак Висла Плок, ја врати самодовербата која беше разнишана по дебаклот на гостувањето во Копенхаген. Конечните 38-25 се вистински доказ за доминацијата на домашниот тим.
Дополнителен притисок за германците на овој меч беа повредите на двата плејмејкери во тимот, но за разлика од Готфридсон, кој ќе паузира неколку недели, повредата на Могесен на минатонеделниот натпревар не беше сериозна. Могесен воедно и беше лидер на избраниците на Љубомир Врањеш, до втората победа во групната фаза од Лигата на шампионите.
Натпреварот започна изненадувачки за домаќините, Висла со одлична и концентрирана игра стигна до 5-1 во воведните минути од натпреварот. Сепак, будеслигашот до 15-та минута успеа да го израмни резултатот, а во 18-та минута да поведе, за прв пат на натпреварот, со погодокот на Могесен за 11-10. Од тој момент, шампионот ја започна својата препознатлива игра и до полувремето стигна до пет голови предност, 21-16.
Единственото нешто што успеа да постигне екипата од Плок во вториот дел беше обидот да го намали водството на противникот во почетните минути. Полскиот состав успеа да стигне само на четири голови разлика, 24-20, но тоа не беше доволно да се запре разиграниот тим на домаќинот. Само неколку минути му беа потребни на Фленсбург да ја дуплира предноста, што значеше крај за надежите за гостински триумф.
Висла се враќа во Полска поразена со резултат 38-25 и со два бода го пречекува шведскиот претставник Алингсас. Фленсбург ќе се обиде да се задржи на врвот на табелата со гостински триумф против турскиот шампион Бешикташ.
Орлен Висла: Викари, Родриго Коралес – Никчевиќ 1, Вишњевски, Гионеа 7 (3п.), Ракотеа 4, Пусиќ 1, Тиуменцев 3, Монторо 1, Зеленовиќ 5, Сипржак 2, Роча 4 (1п)
Фленсбург-Хандевит: Могенсен 7, Д.Ненадиќ 7, Радивојевиќ 7, Егерт 6, Гландорф 6, Хеинл 1, Ванне 1