Флензбург најде замена за Гландорф

Екипата на Флензбург го претстави најновото засилување кое би требало да биде замена за Холгер Гландорф на десната бековска позиција. Младиот репрезентативец на Германија и играч на Лајпциг, 21-годишниот Франц Семпер е последното засилување за моментно најдобриот тим во Бундес лигата.

Тој ќе се приклучи на тимот во летото 2020 година кога и му истекува договорот со Лајпциг. Семпер е член на Лајпциг од 2013 во младинските категории, а во првиот тим дебитирше со 17 години. Тој брзо го привлече вниманието со настапите за Лајпциг, а моментално е втор најдобар стрелец во Бундес лигата, веднаш зад Матијас Муше.

И покрај многуте понуди од врвни клубови, Семпер минатото лето го продолжи договорот со Лајпциг до јули 2020 година. По истекот на овој договор се одлучи за Флензбург, шампионот на Германија со кој потпиша договор на две години.

Семпер во октомври 2018 го доби првиот повик за настап во репрезентацијата на Германија и како најмлад играч со составот настапи на Светското првенство. Досега има запишано девет настапи за репрезентацијата на кои постигнал 15 гола.